Среда, 19.11.2008
Бразилската влада ќе започне потрага со користење на авион опремен со сензори за телесна топлина, за да ги лоцира и заштити индијанските племиња по Амазон кои немале никаков контакт со модерната цивилизација до ден денес.
Според Антенор Ваз, водачот на овие експедиции, ова ќе биде одлична нова алатка која ќе им помогне на Бразилците да ги заштитат "дивите" племиња, за кои најголема закана претставуваат уништувачите на дождовните шуми по Амазон, кои овие племиња ги користат како свој дом.
Најголем дел од бразилските индијанци сеуште живеат во џунглата, задржувајќи го својот јазик и традиција. Истражувачите ќе сторат се што е во нивна моќ за да спречат "западно" влијание врз домородците кое може да предизвика болести како грипот, кон кој овие племиња немаат стекнато имунитет.
Според уставот на Бразил од 1988 година, одлучено е сите стари Индијански територии да бидат демаркирани и да им се вратат на домородците во рок од 5 години. Иако овој процес сеуште не е целосно завршен, околу 11% од бразилската и 22% од територијата околу Амазон веќе е во индијански раце.
Едни од поинтересните последни слики кои светот ги виде од овие племиња беа објавени во мај оваа година. На сликите се гледаа индијанците кои со лак и стрела гаѓаа кон авионот кој ги надлетуваше и сликаше. Владата на Бразил знаела за постоењето на оваа група околу 20 години и ги објавила сликите само за да привлече светско внимание на многуте неконтактирани племиња кои живеат на територијата на најголемата јужноамериканска држава.