Среда, 19.11.2008
Уште едно во низата истражувања поврзани со влијанието на насилните игри покажува дека истите кај младите луѓе предизвикуваат забрзано работење на срцето, дури и долго време по играњето.

Шведските стручњаци од универзитетите во Стокхолм и Упсала, како и институтот Каролинска, ги објавија резултатите од најновите истражувања поврзани со влијанието на насилните игри. Деца на возраст од 12 до 15 години биле поделени на две групи и од нив е побарано да играат две различни игри во доцните часови.
Првата група играла насилни игри, додека втората играчка екипа добила игри во кои нема никакви насилни моменти (како на пример, Farm Frenzy 2, која ви ја препорачуваме :) ). Меѓу бројните параметри, стручњаците го забележувале работењето на срцето за време и по играњето на игрите, по што кај втората "ненасилна" група на играчи не е забележана промена на срцевиот такт ниту за време на играњето, ниту по него.
Во групата која играла насилнички игри забележано е забрзано и нерамномерно срцево работење кое продолжило и откако клинците легнале да спијат - иако, испитаниците утрото немале никакво чувство дека лошо спиеле.
Покрај тоа што според шведските научници сеуште е прерано да се изведуваат заклучоци, ова испитување ќе им помогне во сфаќањето на влијанието на содржините со насилна конотација врз човечкиот организам.