Петок, 14.11.2008
Мики Маус е создаден во време на лична невоља и моментална инспирација на легендарниот Волт Дизни, откако го изгубил судскиот спор околу правото над неговиот претходен лик од цртаните филмови, Освалд - среќниот зајак.
Барајќи замена за зајакот Освалд, Дизни размислувал за креирање на лик, олицетворение на коњ, куче, мачка, жаба и крава, но неговите мисли постојано се навраќале на сеќавањата од детството кога на фамилијарната фарма како свое милениче - имал едно глувче.
Дизниевата луцидност била во тоа што создал антропоморфно суштество со немирен дух и "чарли чаплиновски" шарм. Волт бил доволно мудар да го послуша советот на својата сопруга на која не и се допаднал предлогот на нејзиниот сопруг за именување на глувчето како Мортимер - па така паднала одлуката името на легендарниот анимиран лик да биде кратко и привлечно за публиката - едноставно, Мики Маус.
Мики станал хит веќе од своето филмско деби во "Парабродот Вили", премиерно прикажан на 18-ти ноември 1928 година. Низ годините, Мики го менувал карактерот и изгледот, што според биолозите и стручњаците за еволуција било клучно за зацврстувањето на неговото посебно место во срцата на луѓето. Нивниот впечаток е дека Мики се трансформирал (менување на пропорциите на главата, намалување на должината на екстремитетите, зголемување на очите) во прикриена варијанта на човечко бебе - слика која луѓето од еволуциски причини ја сакаат повеќе од се.
И покрај "староста" Мики Маус не планира да се пензионира. "Тој и денес е подеднакво важен како и пред 80 години, кога за прв пат се појави' - изјави портпаролот на компанијата Дизни. Епа, среќен роденден Мики Маус.